Словенечката влада денеска ја продолжи мерката за субвенционирање на платите за време на чекање, а се очекува ваквата помош во август да ја примат околу 24.000 работници, најави министерот за труд, семејство и социјална политика, Јанез Циглер Краљ.

Владата донесе одлука за продолжување на мерката, што беше воведена во април во екот на кризата предизвикана од пандемијата ковид-19, затоа што проценува дека таа е сè уште ефикасна и потребна за работодавците.

– Повеќе од 24.000 работници сè уште чекаат за работа затоа што и натаму нема закрепнување во некои индустрии или истото не е доволно интензивно за работодавците целосно да ги ангажираат работниците – објасни Циглер на прес-конференција, истакнувајќи дека мерката може да биде продолжена најмногу до крајот на септември.

По првите два анти-корона закони, повеќе од 275.000 вработени беа на чекање до крајот на мај, а според третиот, кој вклучуваше чекање за работа во јуни, беа вклучени скоро 65.000 вработени.

Заводот за вработување на Словенија до 10 јули исплатил 242,5 милиони евра надокнада за работниците кои привремено чекаа за работа поради виша сила, се вели во соопштението на словенечката влада.