Словачкиот министер за здравство, Марек Крајчи денеска изјави дека поднесува оставка од функцијата за да се смири политичката криза, предизвикана поради набавката на руската вакцина, која пак ја загрозила владата.

Негова оставка побараа две од четирите партии на владејачката коалиција на десницата и популистите, бидејќи тој беше критикуван затоа што Словачка е меѓу најпогодените од ковид-19 во Европската унија.

Политичката криза беше предизвикана минатата недела со таен договор за набавка на руската вакцина „Спутник 5“. Ова го организираше премиерот Игор Матовиќ, и покрај несогласувањата меѓу коалициските партнери.

Додека премиерот го бранеше купувањето на два милиони вакцини, изјавувајќи дека тоа ќе ја забрза вакцинацијата, коалициските партнери во владината коалиција, обвинија дека тоа ќе ја загрози „јасната прозападна ориентација на земјата“. Тие наведоа дека за секоја вакцина е потребно одобрување од регулаторното тело на ЕУ за лекови, што руската вакцина сè уште го нема.

Меѓу 5,4 милиони жители на Словачка, има повеќе од 331 000 потврдени случаи на инфекција со коронавирус и 8 244 смртни случаи.

Покрај тоа, Словачка го има вториот најлош резултат во светот според просечниот број на смртни случаи.

Премиерот Игор Матовиќ рече дека Крајчи требало да поднесе оставка само доколку започнела вакцинацијата со „Спутник 5“, објави ТАСР.