Иако многумина периодов симптомите проследени со кашлица, кивање, течење на носот, црвенило во очите, температура и тегоби со дишењето ги поврзуваат со ковид-19, сепак не треба да се заборави дека во овој период од годината се јавуваат алергиите на полен, кои имаат речиси исти симптоми со полесните слики на ковид-19.
Во минатото општо беше прифатено мислењето дека алергиските болести се болести на помладата популација, а во одредени години доаѓа до намалување на тегобите, но последните години е забележливо дека сè повеќе пациенти ги добиваат првите тегоби на средна или постара возраст.
– Цел месец ми тече носот и постојано кашлам, на моменти и не можам да се смирам. Одам на работа бидејќи не можам да работам од дома, но се чувствувам многу непријатно, бидејќи колегите почнаа да ме гледаат со сомнежи. Матичната докторка ми посочи дека најверојатно станува збор за алергија на полен и дека нема потреба да се плашам – вели Пеце К., вработен во компанија за дистрибуција на прехранбени производи.

Некои од пулмолозите и алерголозите се согласуваат дека овој период може да има слични симптоми меѓу алергиите и ковид-19.
– Поблагите симптоми на ковид-19 личат на една лесна настинка. Тоа се течење на носот, кивање, понекогаш солзење на очите, црвенило во очите, кашлица, главоболка, со или без температура, едноставно во овој период некои од симптомите за ковид-19 се слични со оние што ги имаат пациентите доколку боледуваат од алергиска болест – вели Дејан Докиќ, пулмолог алерголог.

Според него, околу 25 отсто од населението во земјава страдаат од алергиски ринитис, а во овој период од годината, кога цвета тревата, тоа кај нив создава проблеми.
– Во април и мај почнува да цвета тревата и пациентите што имаат алергиски ринитис, а тоа не е мал процент, околу 25 отсто од населението, може да почувствуваат вакви симптоми и оправдано ќе се јави страв дали овие пациенти имаат сега симптоми од алергија или, пак, имаат симптоми можеби од ковид-19 – нагласува Докиќ.
И другите алерголози со кои се консултиравме велат дека доколку не се спроведе соодветно лекување, од година на година тегобите се зголемуваат во периодите кога цветаат растенијата, а се зголемува и бројот на полени на кои луѓето стануваат чувствителни.

– Покрај чешањето и затнатиот нос, течењето бистар секрет и кивање во серија, речиси до 90 отсто од овие пациенти имаат проблеми со очите. Алергискиот коњунктивитис се манифестира со солзење и чешање на очите, а повремено и со оток на очните капаци. Покрај слузокожата на носот и окото, може да биде зафатена и слузокожата на синусите или увото, па да се појави дополнителна симптоматологија што може да биде предизвикана од алергија, но и од секундарни бактериски инфекции, кога обично се јавува и покачена телесна температура – велат алерголозите.

Според нив, избегнувањето контакт со изворот на алергиите е многу важно доколку е можно тоа.
– Животот во градските средини ги отежнува симптомите, бидејќи поленските честици се зголемуваат оти на нив се налепуваат честичките од загадениот воздух. Исто така, на алергичните не им годат утрата, бидејќи е утврдено оти најголемата концентрација на полен е во утринските часови, особено кога е ведро и ветровито. Важно е по пристигнувањето во домот да се промени гардеробата и пациентот да се истушира – советуваат алерголозите.