Откако американскиот претседател Доналд Трамп го прими третманот со антитела од експерименталната терапија на „регенерон“, голем број луѓе посакаа да бидат дел од  клиничките испитувања на „Регенерон Фарматикс Инкорпорејтед“, пренесува „Ројтерс“.

Додека тој ги фалеше придобивките на „регенерон“, Трамп вети дека ќе ја направи терапијата бесплатна за сите Американци. Сепак, експертите велат дека се потребни повеќе податоци, а третманот сè уште не доби одобрение за итна употреба од американската Администрација за храна и лекови.

– Сè повеќе и повеќе пациенти доаѓаат и бараат да бидат дел од испитувањето на антителата – вели д-р Дирк Состман, раководител на истражувачката мрежа на Методистичката болница во Хјустон, во која се тестираат програмите за антитела на „регенерон“.

Пред да биде хоспитализиран во петокот, Трамп ја примил експериментална терапија со антитела што може да го намали нивото на коронавирусот и покажа ветувачки резултати во студијата со 275 пациенти. Сепак, Состман е претпазлив во врска со пошироката употреба на третманот без поседувањето на повеќе податоци.

– Сè што видовме се многу кратки соопштенија за печатот. Политиката на ситуацијата  ми сугерира дека приказната изгледа вака: Трамп се заразува со ковид-19, а веднаш потоа американската технологија, поттикната и платена од администрацијата на Трамп, брзо наоѓа третман – вели Состман.

Врвниот американски експерт за инфективни болести, д-р Ентони Фаучи, зборувајќи во понеделникот на Си-ен-ен, изјави дека „многу се сомнева“ дека лекот на „регенерон“ придонел за брзиот напредок на Трамп.

– Очигледно е дека не може да се докаже за ефикасноста додека не се направат голем број студии кои ќе покажат дека третманот навистина работи – изјави Фаучи.

Компанијата вчера соопшти дека доставила барање до Управата за храна и лекови за одобрување за итна употреба на нивната комбинација на антитела. „Регенерон“ доби 450 милиони долари од американската влада за производство на 300.000 дози од терапијата со двојни моноклонални антитела, копии на антитела кои се едни од главните оружја што ги создава имуниот систем за борба против инфекции. Компанијата соопшти дека тие материјали ќе бидат дистрибуирани бесплатно.

Едно испитување на третманот, кој се наоѓа во средна фаза, покажа дека коктелот од антитела помага во намалувањето на хоспитализацијата и посетите за итни случаи кај пациентите со ковид-19.

– Пациентите кои најверојатно ќе имаат корист од овој третман треба да имаат сличен профил како и претседателот Трамп, со тоа што имале неоткриени антитела на почетокот и го добиле третманот во раната фаза на болеста – во електронска изјава рече Александра Боуви, портпаролка на „Регенерон“.