Кинеската фармацевтска компанија „Синофарм“ започна да ја спроведува третата фаза од тестирањето на вакцина против ковид-19 на околу 15.000 доброволци во Абу Даби, потврдија властите во главниот град на Обединетите Арапски Емирати.

Тестирањето на луѓе се спроведува во соработка со Националната кинеска биотехнолошка група (ЦНБГ) која е дел од „Синофарм“, компанијата „Група 24“ од Абу Даби и Канцеларијата за здравство во градот.

Ова е прва студија во светот во која се тестира неактивна вакцина во третата фаза, објасни Ашис Коши, директор во Г24 задолжен за здравствениот сектор.

Неактивната вакцина се состои од култивирани вирусни честички, бактерии или други патогени кои ја губат способноста да предизвикаат болест. Од друга страна, постојат и вакцини со живи, но ослабени патогени.

Неактивната вакцина се користи за лекување на болести како што се грип и сипаници.

Досега не е одобрена ниедна вакцина против ковид-19 за комерцијална употреба, а според Светската здравствена организација (СЗО), во моментот се тестираат 23 потенцијални вакцини врз луѓето. Три веќе влегоа во третата фаза во која се проверува ефективноста.