Светската здравствена организација ја одобри кинеската вакцина на компанијата „Синовак“ за итна употреба. Во соопштението се наведува дека одобрувањето од страна на СЗО е знак за националните регулаторни тела дека препаратот е безбеден и ефикасен и овозможува оваа вакцина одобрена од СЗО да се најде во глобалната програма на „Ковакс“, која обезбедува вакцини за сиромашните земји, пренесува „Ројтерс“.

Процесот на анализа на техничката советодавна група на СЗО почна на 5 мај, а одлуката беше донесена по анализата на најновите клинички податоци за безбедноста во ефикасноста на вакцините на „Синовак“ и производствениот процес на кинеската компанија.

Ова е втора кинеска вакцина што доби дозвола за итна употреба откако претходно зелено светло доби и производот на државната кинеска компанија „Синофарм“.

– Потсетуваме дека вакцините што во моментот се достапни и одобрени засега се ефикасни против „сите видови коронавирус – објави Светската здравствена организација.

– Сите ќе треба да ја земеме и третата доза од вакцината против коронавирусот за 6, 8 или 12 месеци – велат од СЗО.

Според оваа организација, во целиот регион, кој го опфаќа и делот од централна Азија, има опаѓање за 60 % на бројот на новозаразени случаи со ковид-19 за еден месец.

– Ние се движиме во вистинската насока, но треба да бидеме будни. Зголемувањето на мобилноста, физичката интеракција и собирањето може да доведе до зголемено пренесување на вирусот во Европа – рече Ханс Клуге, директор на СЗО за Европа.