Глобално искоренувањето на коронавирусот во моментов не е разумна цел, рече Дејвид Набаро, специјален пратеник на Светската здравствена организација (СЗО) за коронавирусот.

– Човештвото ќе мора да се научи да живее со овој вирус, спречувајќи го неговото нагло појавување како и спречување на можноста од создавање на нови жаришта. Искоренувањето во моментов не е разумна цел за светот – изјави Набаро.

Додаде дека се испитуваат извештаите за постоењето на непалската варијанта на коронавирусот.

– Секој пат кога ќе избувне одеднаш, тоа во нечиј ум ја буди помислата дека може да се појави нов вид на коронавирус. А тоа не би било изненадување – рече Набаро.

Според него тоа ќе се случува во иднина а вирусот како што изјави, нема да исчезне наскоро, но ќе се појават нови видови.

Многу набљудувачи предупредуваат на нееднаков пристап до вакцината меѓу богатите и сиромашните земји, влошувајќи ја и продолжувајќи ја пандемијата која досега уби повеќе од 3,5 милиони луѓе.

Лидерите на СЗО, Светската трговска организација, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка неодамна ги повикаа светските лидери да преземат нова обврска и да се залагаат за поправедна поделба на вакцините со цел да се борат против пандемијата од ковид-19.