Кристијан Линдмаер, портпарол на Светската здравствена организација, ги коментираше наодите на една француска болница, која по анализирањето на стари примероци открила дека пациентот кој бил хоспитализиран на 27 декември со пневмонија веќе бил заразен со коронавирус, пренесува Ен-би-си њуз.

– Можно е да пронајдеме повеќе претходни случаи – рече Линдмаер за време на состанокот во Женева.

Во една француска болница во Париз биле повторени тестовите на стари примероци на пациенти кои боледувале од пневмонија и откриле дека еден заболен маж бил позитивен на коронавирус на 27 декември.

Тоа е речиси еден месец пред француската влада да ги потврди првите официјални случаи на коронавирус.

Ив Коен, шеф на болницата во северен Париз, изјави дека научниците ги повториле тестирањата на примерок од 24 пациенти кои биле лекувани во декември и јануари, а кои биле негативни на грип.

– Од нив 24, имавме еден кој беше позитивен на новиот вид коронавирус на 27 декември – рече Коен.

– Секој примерок повторно е тестиран повеќе пати за да се елиминира можноста од грешка – додаде тој.

Франција ги потврди првите три случаи на ковид-19 на 24 јануари, двајца пациенти во Париз и еден недалеку од градот Бордо. Коен рече дека е прерано да се каже дали пациентот чиј тест на 27 декември бил позитивен бил францускиот нулти пациент.

Коен додаде дека пациентот преживеал.

– Тој беше болен 15 дена и ги зарази своите две деца. Откривме дека не патувал. Единствениот контакт што го имал бил со неговата сопруга, која работела во близина на штанд на кој се продава суши, односно близу колега со кинеско потекло. Сепак, не е познато дали овие луѓе патувале за Кина и тоа треба да го испитаат локалните институции – додаде тој.

Коен вели дека сопругата на пациентот била асимптоматска и посочува дека тој би можел да биде нултиот пациент, но истакна дека постои можност да има повеќе такви во други регии во државата.

Студијата за пораната појава на ковид-19 во Франција наречена САРС-КОВ-2 веќе се шири во Франција кон крајот на декември 2019 година, објавена е во списанието „Сајанс директ“.