Светската здравствена организација (СЗО) изрази надеж дека неколку стотици милиони дози вакцина против коронавирус ќе бидат произведени до крајот на годината, а дури две милијарди во текот на 2021 година.

Како што забрзува трката за пронаоѓање вакцина, научниот директор на СЗО, Сумија Сваминатан, изјави дека се проучуваат повеќе од 200 кандидати за вакцина низ целиот свет и дека во тек се десетина клинички испитувања.

– Ако имаме среќа, ќе имаме еден или двајца кандидати пред крајот на оваа година. Имам надеж, оптимист сум. Но, развојот на вакцините е комплексен потфат, доаѓа со многу неизвесности. Добро е тоа што имаме многу вакцини и платформи, па дури и ако првата не успее, или втората не успее, не треба да губиме надеж, не треба да се откажуваме – рече таа.

Според неа, приоритет во вакцинацијата треба да бидат оние кои се на фронтот, лекарите и полициските службеници, потоа постарите лица, и на крајот луѓето кои се најмногу изложени на заразата, старечките домови и населбите каде вирусот лесно се шири.

– Почнуваме од претпоставката дека би можеле да имаме неколку стотици милиони дози вакцини до крајот на оваа година, а тоа е оптимистичка прогноза – рече официјалниот претставник на СЗО.

На крајот на мај, челниците на фармацевтската индустрија навестија дека вакцината може да биде готова до крајот на годината, но тие посочија дека предизвикот е огромен затоа што ќе бидат потребни две дози на вакцината по човек, или околу 15 милијарди дози според некои проценки.