Светската здравствена организација (СЗО) објави уште едно рекордно зголемување на бројот на потврдени случаи на коронавирус за 24 часа, бидејќи повеќе од 230.000 биле регистрирани ширум светот во саботата.

СЗО објави дека САД повторно се на врвот на списокот на земји со повеќе од 66.000 случаи регистрирани за еден ден. Трендот на потврдени случаи на ковид-19 продолжува да расте. Во петокот, во текот на 24-часовниот период беа потврдени 228.000 нови случаи на инфекција со коронавирус ширум светот.

Според универзитетот Џонс Хопкинс, 12,7 милиони луѓе ширум светот се заразени со коронавирус, а повеќе од половина милион починале. Во Америка се речиси четвртина од заразените во светот, со 3,2 милиони случаи и повеќе од 134 илјади починати.

Флорида во неделата објави дека за 24 часа се регистрирани рекордни 15.000 нови случаи. „Ројтерс“ известува дека Флорида, како држава, ќе биде четврта во светот по бројот на заразени, по САД, Бразил и Индија. Мексико и Русија пријавиле по 6.000 нови случаи.

СЗО прогласи глобална пандемија на 11 март поради ширењето на коронавирусот. Заедно со Европа, СЗО ги прогласи САД, а потоа и Јужна Америка за епицентар на пандемијата на коронавирус, која за прв пат се појави на крајот на минатата година во кинескиот град Вухан.