Ситуацијата на Балканот и во Централна Европа е „особено“ загрижувачка во време кога бројот на нови зарази во Европа расте трета недела по ред, објави денеска европскиот огранок на Светската здравствена организација (СЗО).

– Особено сме загрижени за епидемиолошката состојба на Балканот, како и во многу други централноевропски земји – рече Кетрин Смолвуд, задолжена за вонредни состојби во СЗО за Европа, истакнувајќи дека бројот на смртни случаи и хоспитализации во регионот во моментов е меѓу највисоките во светот.

Директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, вели дека инциденцијата на случаи го продолжува трендот на пораст и се движи кон исток.

–  Ние сме во третата последователна недела на раст на бројот на случаи во регион од 53 земји. Бројот на луѓе кои умираат од ковид-19 во Европа денес е поголем отколку што беше во истиот период минатата година, што е одраз на широко распространетото ширење на вирусот – рече Клуге.

Повеќе од 21.000 луѓе починаа од ковид-19 во последните седум дена во европските земји, според податоците на СЗО.

Клуге додава дека придобивките од вакцинацијата ќе дојдат, но дека Европејците засега мора да продолжат да ги користат постојните средства.