Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека од февруари 2020 година до мај годинава од Ковид-19 починале речиси 115.000 здравствени работници.

СЗО додава дека е исклучително важно здравствените работници да имаат приоритет при вакцинирањето.

„Основата на секој здравствен систем е составена од нејзините вработени. Ковид-19 ни покажа колку се потпираме на нив и колку сме ранливи кога оние што го штитат нашето здравје не се заштитени“, рече шесофт на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус.

„Според податоците од 119 земји, во просек двајца од пет здравствени работници се целосно вакцинирани на глобално ниво. Но, се разбира, ова е просек и не ги покажува огромните разлики меѓу регионите и економските групи. Во Африка 1 од 10 здравствени работници е целосно вакциниран, а во повеќето земји со високи приходи повеќе од 80 % од нив се вакцинирани“, рече Гебрејсус.

„Ги повикуваме сите земји да обезбедат приоритет за сите здравствени работници при вакцинирањето заедно со другите ризични групи“, додаде тој.