Светската здравствена организација го критикува забавеното темпо на вакцинацијата против коронавирус во Европа, која, како што велат од СЗО, со месеци се соочува со загрижувачка епидемиолошка состојба поради ковид-19.

– Бавното темпо на вакцинација ја продолжува пандемијата – изјави европскиот разгранок на СЗО посочувајќи дека бројот на нови случаи со коронавирус во Европа нагло се зголеми во последните пет недели.

Директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, рече дека вакцините се најдобриот начин за излез од пандемијата.

– Не само што дејствуваат, туку се и многу ефикасни во ограничувањето на заразата со ковид-19. Сепак, примената на овие вакцини е неприфатливо бавна. Да бидеме јасни, треба да го забрзаме процесот со зголемување на производството, намалување на бариерите за испорака на вакцини и користење која било доза што ја имаме резерва – се вели во изјавата на Клуге.

Тој предупреди дека ситуацијата во регионот во последните неколку месеци е загрижувачка.

Во европскиот регион на СЗО, кој вклучува педесетина земји, вклучително и Русија и неколку земји од централна Азија, бројот на смртни случаи минатата недела надмина 24.000, и според таа организација, рапидно се приближува до еден милион.

Според СЗО, бројот на новоинфицирани достигна 1,6 милион на неделно ниво, а тој беше под еден милион пред само пет недели.