Нема докази дека коронавирусот ја сменил формата на пренесување или дека се променила тежината на болеста што ја предизвикува, велат експертите од Светската здравствена организација (СЗО).

– Нема промена во однос на преносот, нема промена во однос на јачината. Најважно е да се спроведуваат мерките за намалување и сузбивање на преносот – рече епидемиологот на СЗО, Марија ван Керхов.

Некои водечки италијански лекари во неделата изјавија дека вирусот значително ослабнал и дека тој веќе клинички не постои во земјата, што предизвика полемики и негодувања кај експертите.

– Пред еден месец можевме да чуеме дека епидемиолозите се плашат од нов бран кон крајот на мај и почетокот на јуни и од којзнае колку зафатени легла во одделенијата за интензивна нега. Во реалноста вирусот, клинички кажано, повеќе не постои – изјави за италијанските медиуми Алберто Зангрило, директор на одделот за интензивна нега на Универзитетската болница „Сан Рафаел“ во Милано.