Колективен имунитет на коронавирусот нема да се постигне оваа година, иако вакцините почнаа да се дистрибуираат во многу земји, предупреди Светската здравствена организација (СЗО).

– Нема да постигнеме колективен имунитет во 2021 година – рече научникот на СЗО, Сумија Сваминатан.

Таа потсети на важноста да се продолжи со примена на постојните мерки, како што се одржување на физичко растојание, миење раце и носење заштитна маска. Таа додаде дека тие мерки треба да бидат на сила најмалку до крајот на оваа година.

Сумија Сваминатан го поздрави неверојатниот напредок што го постигнаа научниците бидејќи за помалку од една година успеаја да развијат неколку безбедни и ефикасни вакцини против коронавирус.

Сепак, таа додаде дека за дистрибуцијата на вакцините е потребно време.

– Потребно е време за производство на големи дози, не само милиони, туку милијарди – додаде Сваминатан, која повика на трпеливост.