Светската здравствена организација (СЗО) за Европа предупреди на задолжителната вакцинација и повика на подобра заштита на децата, кои во моментот се сѐ повеќе изложени на ковид-19.

Генералниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, рече дека задолжителните вакцини треба да бидат „апсолутно последно средство и да се користат само кога се исцрпени сите други опции за подобрување на вакцинацијата“.

Истакнувајќи дека во некои случаи задолжителните вакцини дале резултати, Клуге рече дека мора да се земе предвид и ефектот што задолжителните вакцини може да го имаат врз довербата на јавноста: она што е прифатливо во едно општество и заедница може да биде неефикасно или неприфатливо во друго.

Бројот на заболени во Европа е зголемен во сите возрасни групи, а највисоките нивоа во моментот се забележани кај возрасната група од 5 до 14 години.

Подобрената вентилација и употребата на маски треба да бидат стандардни во сите основни училишта како дел од безбедна средина за учење, притоа избегнувајќи затворање на училиштата и учење онлајн, рече регионалниот директор.

– За вакцинирањето на децата треба да се разговара и тоа да се разгледа на национално ниво – додаде Клуге.

Тој нагласи дека задолжителните мерки во никој случај не треба да придонесуваат за зголемување на социјалната нееднаквост во пристапот до здравствените и социјалните услуги. Клуге потсети и дека при воведувањето рестриктивни мерки е неопходно за да се води грижа за менталното здравје на луѓето и да се спречи семејното насилство.

– Минатиот месец предупредивме дека до почетокот на 2022 година би можеле да изгубиме уште половина милион животи доколку не преземеме итни мерки – рече тој и додаде дека помина еден месец и починаа уште 120.000 луѓе, а регистрирани беа уште 10 милиони случаи на ковид-19.