Дневниот број на смртни случаи од ковид-19 во Европа е 40% поголем од минатата недела, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Портпаролката на СЗО, д-р Маргарет Харис, за Би-би-си изјави дека најголем број нови случаи се регистрирани во Франција, Шпанија, Велика Британија, Холандија и Русија.

Во последните 24 часа во Русија 320 лица починаа од компликации поврзани со ковид-19, што е најголем дневен број на смртни случаи во таа земја од почетокот на пандемијата. Досега во Русија починале 26.589 лица од коронавирус.

Русија е четврта земја во светот по бројот на заболени, по САД, Индија и Бразил.

Дневниот број на смртни случаи нагло се зголеми и во Италија. Во последните 24 часа починаа 221 лице. Бројот на починати расте и во Австрија, а денес бројот на жртви во таа земја надмина 1.000.

Харис рече дека има интензивно и алармантно зголемување на бројот на заболени и смртни случаи низ целиот европски регион.

– Болниците во некои земји брзо се полнат, и покрај подоброто управување со болничките капацитети – предупреди таа.

Таа исто така го коментираше воведувањето на построги мерки во европските земји и рече дека резултатите ќе ги видиме дури по две недели.

– Бројот на нови случаи треба да се намали, но тоа нема да се случи преку ноќ – рече портпаролката на СЗО.

Харис вели дека добрата вест е дека болниците сега имаат многу подобро разбирање за тоа што се случува.

– Добрата вест е дека болниците сега имаат многу подобро разбирање за тоа што се случува. Друга добра работа, во извесна смисла, е тоа што голем број на нови случаи се млади луѓе, со помала веројатност да имаат тешки симптоми. Но, тоа не е гаранција. Овие два фактора сугерираат на тоа дека можеби нема да бидеме сведоци на такво огромно зголемување на стапката на смртност како што беше случајот во април – рече таа.