Годишните времиња не влијаат на развојот на пандемијата на коронавирус, соопшти денеска Светската здравствена организација и предупреди дека е погрешно да се верува дека на лето сме позаштитени.

– Се чини дека годишните времиња не делуваат на преносот на вирусот, кој усмрти над 650.000 луѓе во светот и зарази повеќе од 16 милиони луѓе – изјави портпаролката на организацијата, Маргарет Харис.

Како пример таа ги наведе најпогодената земја во светот, САД, каде сега е лето и втората најпогодена земја – Бразил, каде е зима.

– Изгледа дека долго се задржа верувањето дека вирусот е сезонски, но мораме да запаметиме дека се работи за нов вирус и иако се работи за респираторен вирус, кој обично е сезонски, овој се однесува поинаку – нагласила Харис.

Таа потсети на верувањето дека ризикот од инфекција е помал во лето и повтори дека „летото е проблем затоа што вирусот ги сака сите сезони“.

Нагласи дека комбинацијата на вирусот на грип, кој е сезонски и преовладува во зима, и новиот коронавирус е загрижувачка и може да го зголеми притисокот врз здравствените системи.

– Препорачуваме сите да се вакцинираат против грип – советува таа.