Американски официјални лица во Орландо откриле две жени кои се маскирале да изгледаат постари за да примаат вакцини против коронавирус. Тие ставиле капчиња, ракавици и очила за да изгледаат постари, изјави Пол Пињо, здравствен службеник на округот Оринџ во американската сојузна држава Флорида.

Портпаролката на шерифот, Мишел Гвидо, изјави дека тие ја смениле годината на раѓање при регистрација за вакцината за да го заобиколат државниот систем кој им дава приоритет на луѓето постари од 65 години. Тие, исто така, се чини дека ја примиле првата вакцина, но не е јасно каде, рече таа.

– Нивните имиња одговараа на регистрацијата, но не и на датумот на раѓање – изјави таа.

Здравствените власти побараа од шерифот да издаде наредба да им се забрани враќање на таа локација. Ова значи дека тие не можат да се вратат во тој конгресен центар од која било причина, вклучително и за вакцинирање, тестирање за ковид-19, поради некоја конвенција или за претстава. Ако се вратат, можат да бидат уапсени.

Здравствениот оддел ќе се обиде да утврди каде биле вакцинирани порано и како успеале да закажат состанок, рече здравствениот службеник, додавајќи дека ќе се обиде да види дали има пропусти во процесот.