Компанијата „Џилед сајенсес“ соопшти дека ќе им наплаќа на американската влада и на другите развиени држави 390 долари по ампула од нејзиниот лек против коронавирусот „ремдесивир“, што би чинело 2.340 долари за вообичаената петдневна терапија објавува „Блумберг“.

„Џилед“ во денешното соопштение истакна дека ја понуди цената за развиените држави со цел да создаде универзален ценовен модел со кој ќе се избегнат поединечни преговори со државите што би можеле да влијаат на достапноста на лекот.

– Сакавме да се осигуриме дека ништо нема да застане на патот на „ремдесивир“ за стигнување до пациентите – кажа Даниел О’Деј, извршниот директор  на „Џилед“, додавајќи дека цената ќе осигури дека сите пациенти низ светот ќе имаат пристап до лекот.

Цената од 390 долари по ампула е државните набавки. Кога „Џилед“ ќе почне да го продава лекот преку вообичаените канали за дистрибуција, цената за компаниите за приватно здравствено осигурување и за другите комерцијални компании во САД, ќе изнесува 520 долари по ампула или 3.120 долари за петдневната терапија.

„Ремдесивир“ е еден од првите широкораспространети лекови против ковид-19. Тој доби итна дозвола за упореба од страна на регулаторите во САД во мај, откако тестирањето откри дека лекот го забрзува закрепнувањето на хоспитализираните пациенти за околу четири дена. Стотици терапии и вакцини се во развој додека научниците низ светот се обидуваат да изнајдат начини да ја сопрат глобалната пандемија во која има повеќе од 10 милиони заразени и над 500 илјади смртни случаи.

„Џилед“ вети дека ќе го донира снабдувањето на лекот во текот на јуни, но цената по завршувањето на донацијата е предмет на жестока расправа. Одлуката за одредување на цената ќе биде од голема важност бидејќи ќе постави преседан за цената на идните лекови против ковид-19.

Компанијата тврди дека „ремдесивир“ може да заштеди 12 илјади долари по пациент преку порано отпуштање на заболените од болница, како и дека ќе одреди помала цена за да осигури дека развиените држави ќе можат да си го дозволат лекот. Постојат проценки дека достапна цена би била до 4,5 илјади долари по терапија. Други пак, меѓу кои се и организациите за заштита на потрошувачите сметаат дека лекот би требало да чини еден долар по ден од траење на терапијата поради обемот на производството.

Шест ампули се доволни за петдневна терапија, но на дел од пациентите им е потребна и 10-дневна терапија, односно 11 ампули кои би чинеле 4.290 долари.

„Џилед“ досега донираше околу 250 илјади дози на „ремдесивир“ и ја забрзува доставата на лекот. Се проценува дека ќе произведе околу два милиона дози до крајот на годината.