Британија одобри оспорувана, но позната практика, што треба да ги забрза истражувањата за ковид-19

Коронавирусот се шири низ светот, сѐ уште нема лек за негово сузбивање, а научниците се заглавени во ситуација во која и натаму собираат искуства за справување со заразата. Токму затоа се одлучија и за воведување на медицински испитувања со доброволци кои ќе бидат заразени од коронавирусот, во контроверзната, но веќе позната практика, објавува „Политико“.

Ваквите тестирања се етички оспорувани бидејќи вклучуваат планско заразување со одреден вирус, со цел да се забрзаат истражувањата. Но, тие им овозможуваат на научниците брз пристап до битни информации преку мала група на учесници. Тоа се должи на нивното спроведување во контролирана средина, во која научниците внимателно го следат имунолошкиот одговор на испитаниците.

Наспроти очигледните ризици, десетици илјади луѓе веќе се пријавија да учествуваат во истражувањата за коронавирусот. Во Обединетото Кралство, единствената држава која ја одобри ваквата практика, околу 50 волонтери веќе се дел од експериментот.

Една од целите е да се осознае колкаво количество од вирусот е потребно за да дојде до зараза, со што првичните сознанија укажуваат дека станува збор за мала доза. Во споредба со грипот, количеството на ковид-19 потребно за инфекција би можело да биде до милион пати помало, според Ендрју Кечпол од британската компанија „хВИВО“, која спроведува една од двете вакви студии во Британија. Ваквото тврдење е изнесено врз основа на малото количество на вирусот на кое биле изложени 10 учесници во истражувањето.

Научниците сега планираат да го сменат пристапот, со што ќе тестираат потенцијални терапии и вакцини. Цел претставува забрзувањето на развојот на следната генерација на вакцини и на лекови за да се остане чекор понапред во однос на новите мутации на ковид-19.

Поради постоечките ризици во студијата, беше зголемена претпазливоста, односно беа извршени детални проверки на сите учесници за можни здравствени ризици. Холандија исто така изрази интерес за ваквите испитувања, но сѐ уште не презела конкретни чекори.