Потрага по маски, респиратори и друга медицинска опрема ја зафати Европа и Америка додека на повеќе од 1,5 милијарди луѓе – или петтина од светската популација – им е наредено да останат дома со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.

Политичката парализа ги отежна напорите на Конгресот во САД за брза помош на државите, а американските акции паднаа веднаш штом се отвори берзата во понеделникот, дури и откако Федералните резерви соопштија дека ќе откупат колку што е потребно од државниот долг и ќе им дадат позајмици на малите и големите претпријатија и на локалните власти за да им помогнат да се справат со економската штета предизвикана од појава на вирусот.

Во Њујорк, каде во текот на викендот беа наметнати скоро тотални исклучувања и изолација поради стравувањата дека градот може да стане едно од најголемите жаришта во светот, градоначалникот Бил де Бласио предупреди дека во болниците ќе ги снема „основните резерви“ потребни за да се заштити здравјето на медицинските професионалци и пациентите во рок од десет дена, објави Асошиејтед Прес.

Ризикот за лекарите, медицинските сестри и другите кои биле на првите борбени линии против пандемијата е многу јасен.Во Италија, најмалку 18 лекари починале од коронавирусот. Во Шпанија, повеќе од 3.900 здравствени работници се заразени, што претставува приближно 12 отсто од вкупните случаи во оваа земја.

Британските здравствени работници бараа додатна опрема, објаснувајќи дека се чувствуваат како „топовско месо“. Во Франција, лекарите позајмуваат маски од градежни работници, работници во фабрика и од архитекти.

Здравствените работници велат дека постојано се бара да ги користат истите маски и ракавици, кои се направени за еднократна употреба.

Недостигот на респиратори, кои се клучни за третман на сериозни случаи на „ковид-19“, се исто така во критична фаза и има недостиг на сетови за тестирање, иако Светската здравствена организација препорачува да се тестираат што е можно повеќе луѓе.

И додека кризата опаѓа во Кина, каде започна кон крајот на минатата година, само областа околу Вухан сè уште се смета за висок ризик и луѓето треба да останат изолирани таму.