Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, им нареди на властите во земјата да воведат построга кампања во борбата против пандемијата, додека истовремено одби три милиони вакцини понудени од програмата за имунизација „Ковакс“, пренесува „Гардијан“.

– Ким побара целосно обезбедување материјални и технички средства неопходни за зајакнување на превенцијата од епидемии, а исто така изјави дека Северна Кореја ќе се бори против пандемијата „на сопствен начин“ – објави Корејската централна новинска агенција.

Ким претходно повика земјата да се подготви за долги пандемски ограничувања, а границите останаа затворени и покрај влошената економска состојба и недостатокот на храна. Од почетокот на пандемијата, Северна Кореја воведе строги ограничувања за движење, а тврдењето на тамошните власти дека во земјата нема заболени од ковид-19 е сомнително за другите држави.

Од УНИЦЕФ која ги набавува и доставува вакцините на дистрибутивната програма „Ковакс“, вчера соопштија дека Северна Кореја одбила три милиони дози од вакцината „Синовак“ и предложила тие дози да бидат дистрибуирани во земји каде што се навистина потребни. Земјата исто така требаше да добие дози и од „Астра зенека“, но доставата беше одложена.

Некои експерти, како што е универзитетскиот професор Лиф-Ерик Исли, мислат дека Северна Кореја можеби сака да набави вакцини од други производители, а потоа стратешки да ги распредели на домашно ниво.

– Режимот на Ким најверојатно сака најсигурна и најефективна вакцина за елитата. Вакцинирањето со „Фајзер“ бара способност за ефикасен транспорт и барем дискретна конверзација со САД. „Џонсон и Џонсон“ исто така може да биде корисна вакцина за нив, со оглед на нејзината транспортливост и потребата од само една доза – вели Исли.