Коронавирусот го покори светот, го замрзна движењето, ги затвори луѓето во нивните домови. Засега, токму домашната изолираност е единствена каква-таква бариера од оваа најнова пандемија што го зафати светот. Но тоа е една дефанзивна мерка, која полека треба да се трансформира во офанзивен напад кон ковид-19. Токму масовното тестирање е појдовна точка на тој контранапад. Во земјите од каде што ни пишуваат нашите соработници постојат повеќе варијанти за тоа како владите се справуваат со заразата. Исконтактиравме со наши колеги и пријатели во неколку земји за да ги слушнеме нивните искуства од секојдневното живеење со коронавирусот и за мерките против него

Специјално за „Нова Македонија“ од нашите соработници во повеќе европски земји

Белгија, Лорета Трајкоска

Животот во Белгија овие денови изгледа невообичаено, со намален сообраќај и воопшто, намалено движење на луѓето. Веќе втора недела работиме од дома. Препораката на власта е сите индустрии што можат да работат од дома да го сторат тоа. Јавниот сектор функционира онлајн, освен критичните дејности во функција на заштита и излегување накрај со вирусот. Училиштата се затворени, но можат да реализираат настава онлајн, со предавања и тестови. Супермаркетите и аптеките работат постојано, а се води грижа за растојанието меѓу купувачите. Престојот е исто така ограничен на 30 минути максимум во сите продавници за храна и пијалаци. Исто така, имаме препорака од власта секој ден да излегуваме по еден час да пешачиме, да возиме велосипед или да трчаме, затоа што физичката активност е многу значајна. Наедно треба строго да се придржуваме кон правилото да се држи растојание од 1,5 м од другиот.

А сега збор-два за вирусот. Појавата на вирусот во Белгија започна по зимскиот распуст, по враќањето на првите посетители на Италија. Потоа почна да се шири локално во земјата. Пикот сѐ уште не е достигнат. Белгискиот научник што ги држи националните прес-конференции секој ден, виролог и претседател на Научниот совет за коронавирусот, Стевен ван Гухт, денеска изјави дека по сета веројатност, пикот во Белгија ќе биде кон крајот на март, почетокот на април.
И на крајот, како што вели старата изрека, живиот човек се навикнува на сè, така и ние. Дефинитивно ова е време кога поминуваш време сам со себе, откриваш нови убави, најубави димензии на животот, се отвораат нови прашања, се буди колективната свест за она што е вредно, а тоа е – животот, здравјето и добрите мисли. Брисел е убав и кога е празен, но тој дава и сила. Па, така, секоја вечер во 20 часот, со соседите од околните згради пееме и аплаудираме со надеж за подобро утре. И сите сме како едно и сите пееме со јазикот на надежта, без оглед што во населбата во која живеам се зборуваат околу 120 јазика.

Шведска, Ацо Каланоски

Јас главно се информирам од медиумите и интернет-страниците на институциите надлежни за справување со коронавирусот. Помешани се чувствата или впечатоците во однос на реакцијата на шведските авторитети. Она што може да се забележи е дека има структура во пристапот. Имено, Владата дејствува политички, но и административно преку државниот апарат, во зависност од надлежностите. Забележливо е дека се преземаат мерки да се сопре ширењето на вирусот. Најпрво се контролираа комуникациите со подрачјата од каде што „дојде“ вирусот (Кина, Италија, Иран и Шпанија). Потоа следуваше редукција и сега сме во фаза кога има само карго-превоз, а превозот или транспортот на патници во други земји е само исклучок и тоа контролиран. Треба да се биде реален и да се каже дека Шведска не презеде порадикални мерки, меѓу другото, и поради нејзината местоположба. Имено, границите најпрво ги затвори Данска, а потоа и Норвешка и Финска. Буквално во тој дел Шведска и немаше што да направи.

Она што се случуваше внатре во земјата е повеќе резултат на практиката, која е стандардна во вакви ситуации. Заводот за јавно здравје користеше искуства што на светот му се познати во вакви ситуации, комбинирајќи ги со ад хок мерки што беа преземени во Кина, Јапонија и во Јужна Кореја. Факт е дека како и во сите земји во светот, така и во Шведска, најпрво се констатираше дека здравствениот систем не е димензиониран за вакви ситуации. Забележлива беше „мобилизацијата“ на кадарот од здравството во смисла на реорганизација и фокус кон новата состојба. Така, беше забележливо дека тема набрзина стана опременоста, односно заштитната облека. Потоа тема стана и сѐ уште е капацитетот на одделите за интензивна нега. Последниве денови е забележливо учеството на арамијата во подигањето големи шатори пред и околу болничките комплекси, кои, според медиумите, треба да го зголемат капацитетот на одделите за интензивна нега.

Според податоците на Заводот, на дневна основа се зголемува бројот на оние што се тестираат, што укажува на трендот дека се менува стратегијата во насока на поагресивно „пронаоѓање“ на оние што се позитивни, за да се ограничи ширењето. Во исто време, се појавија написи дека на пример „клиничката микробиолошка единица на Сахлгренска“ спровела „серолошка анализа“ (на течностите во крвта) за коронавирус и резултатите биле ветувачки. Имено, кај пациентите заболени со ковид-19 биле пронајдени антитела што може да значи дека лицата што некогаш биле заболени и закрепнале, развиваат имунитет. Сепак, беше истакнато дека и покрај важноста на овој момент, многу е рано за заклучоци бидејќи се потребни дополнителни анализи.
Во делот на превентивата, треба да се каже дека многу од производствените капацитети прекинаа со работа, како на пример „Волво“, „Сканиа“ и СКФ. Во делот на администрацијата сѐ повеќе се оди на варијантата да се работи од дома, секако, каде што условите го дозволуваат тоа.

Она што, најверојатно, ќе следува е затворањето на градинките и основните училишта. Имам впечаток дека со таа мерка се чекаше поради фабриките, но останува да го видиме тоа.
Еден друг дел од општеството е силно фокусиран на последиците врз економијата. Во тој дел е забележлив ангажманот на Владата, бизнис-заедницата и синдикатите. Јавно беа објавени неколку пакети за помош на одделни сектори. Досега е објавено дека директно или преку кредитни линии се обезбедени над 60 милијарди евра. Засега најмногу настрада хотелиерско-угостителската дејност. Таму има и најмногу отпуштања.
Впечаток е дека постои политичка согласност во делот на помошта што државата ја обезбедува во обид да го амортизира ударот врз економијата. За многу од мерките беше постигната согласност помеѓу власта и опозицијата. Забележлива беше и оцената на лидерот на крајната десница, кој експлицитно не ја поддржа Владата, но ја поддржа администрацијата во нејзините напори да го спречи ширењето на вирусот, изразувајќи уверување дека им верува во тоа што го работат.

Битно е да се каже дека е очигледна комуникацијата на сите релевантни политички фактори. Во една пригода јавноста имаше можност да види и заедничка средба, а потоа и изјава на кралот во врска со тоа. Досега премиерот само еднаш ѝ се обрати на нацијата, додека на прес-конференции се појави неколкупати.
Зрело и консеквентно однесување со многу висок степен на политичка култура и свест за состојбата во која се наоѓа државата.
Битно е да се спомене дека на социјалните мрежи и во еден дел на порталите, можат да се прочитаат и чујат различни мислења за мерките, за состојбата и за перспективите. Некои од нив се во рамките на она што може да се види и прочита од медиумите, додека други развиваат теории на заговор и застрашувачки сценарија. Како впрочем и во сите земји на светот во овие моменти.

Холандија, Маја Трајковска

Од минатиот вторник со сопругот работиме од дома, некои компании започнаа и порано да ги праќаат своите вработени да работат во домашни услови. Од мојата компанија на вработените, кои имаа потреба, им доставија до дома компјутери, доколку немаат сопствен. До минатата недела немав чувство дека луѓето ги почитуваа мерките, можеби и поради првиот пристап на премиерот Руте дека ќе се гради колективен имунитет и не беа директни со мерките. Минатата недела само јас носев маска во маркет, дури и чудно ме гледаа, еден повозрасен човек ми рече дека маската нема да ми помогне, му возвратив кратко дека можеби нему ќе му помогне во случај некој да е заразен, а не знае. Во еден момент навистина се загрижив бидејќи маркетот беше полн со купувачи, не почитувајќи ја препораката да држат оддалеченост, деца трчаа наоколу, а вработените беа без маска и ракавици.

Во маркетите има обележани ленти со растојание од 1,5 метат. Мислам дека холандската влада особено се налути по изминатиот викенд, кога беа забележани голем број граѓани по парковите и на плажите и воведоа подрастични мерки и казни до 400 евра. Дотогаш имав чувство дека граѓаните не се баш загрижени. Веќе сме десет дена во самоизолација, не сум била подалеку од супермаркет и пазарам за неколку дена. Последен пат бев во понеделникот и ситуацијата беше малку поразлична, имаше луѓе со ракавици и маски и колку што можеа држеа оддалеченост, секако, секогаш ќе има некои што нема да го почитуваат тоа. Инаку маркетите се главно добро снабдени, празни се само рафтовите на кои луѓето во целиот свет навалија, како оние за тоалетна хартија, тестенини и брашно, но ако нема во еден маркет, може да се најде во друг.

Словенија, Виолета Стојковска

Во цела Словенија се подготвени 539 болнички кревети во случај да се влоши ситуацијата. Доколку би дошло до екстремно брзо зголемување на болните од ковид-19, министерот за здравство Томаж Гантар изјави дека се подготвени капацитети низ државата, кои би хоспитализирале и до 1.000 заболени. Но овде се надеваат дека нема да дојде до експлозија на епидемијата, како во соседна Италија, со што би се урнал здравствениот систем. Спиралата на раст се очекува да биде постепена и да се развлече на подолг период.

Како што соопштува Инфективната клиника на Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, состојбата на заразени со коронавирусот во Словенија останува стабилна и на истото ниво како што беше на почетокот на прогласување на епидемијата. Дневно просечно се откриваат четириесетина новозаразени. Текот на епидемијата е забавен, што овозможува подобро дејствување на здравствениот систем.
Од досега спроведените мерки, најефикасна е онаа за ограничено движење на граѓаните со препорака да останат дома. И сите што можат работат од дома. Бидејќи граѓаните во голем дел ги исполнуваат овие ригорозни мерки и не е забележано нивно поголемо прекршување и неисполнување, засега не се предвидени поостри мерки за изолација, како што е карантин за секоја општина посебно. Засега движењето во државата е слободно, додека државните граници се затворени со ретки исклучоци за превоз на стока и луѓе.

Главно овде е мирно, нема паника, никаков хаос. Владата ја има ситуацијата под контрола. Нема луѓе на улица, освен ретки минувачи, ниту пак сообраќај. Автобуси и возови, сѐ е тоа стопирано и ништо не вози. Ретки таксисти, кои мораат по секој патник да го дезинфицираат возилото. Продавниците се затворени, освен маркетите за храна. Инаку, снабдени се со сѐ. Нема недостиг како во други земји, па тоалетна хартија, овошје и зеленчук има да се купи.

Ангел Митревски, Хрватска

Уште еден ден со будење без стресниот будилник дека ќе задоцниш на работа. Човек би рекол дека овој коронавирус и не е толку лош. Луѓето се свртеа кон својата фамилија, почнаа да се запознаваат одново и подобро со својата фамилија, со својата жена и своите деца.
Изгледа дека овој идиличен вовед не би можел до го наруши никој, меѓутоа сѐ паѓа во вода кога ќе го слушнеш првиот дневен извештај на Националниот штаб за борба со коронавирусот, во кој те информираат за бројот на заразени лица во Хрватска.

Ова е накратко една сосема сурова дијаметралност на две стварности во Сплит и во Република Хрватска. Сепак, изгледа дека конечно и граѓаните на Република Хрватска сериозно ги сфатија предупредувањето и барањето на Националниот штаб за борба со коронавирусот изречени само со два збора: „Остани дома“. Овие два волшебни збора почнуваат да ги даваат веќе првите резултати со тоа што зголемувањето на бројот на новозаболени од коронавирусот е забавено, бројот на умрените сѐ уште е еден, а она што е најважното, сево ова му овозможува на здравствениот систем да реагира на соодветен начин и да се справи со оваа опасност на адекватен начин.

И како што велат старите, дека една неволја никогаш не доаѓа сама, оваа недела главниот град Загреб го погоди јак потрес, кој уште повеќе ја отежна ситуацијата во државата. Меѓутоа, морам да признаам дека моралот на граѓаните на Република Хрватска е на доста високо ниво, сите конечно сфатија дека наложените мерки на Националниот штаб за борба со коронавирусот се направени за доброто на сите и дека на крајот ќе се потврди онаа црквената „стрпен – спасен“.


Д-р Владимир Попоски, Шпанија

За кого бијат камбаните?

Со сопругата 18 години сме лекари во Барселона и сакам да ја прикажам состојбата со коронавирусот, од епицентарот во Шпанија.
Живееме во Каталонија, но разумот, душата и срцата ни наложуваат, особено во оваа драматична ситуација, да им се јавуваме на нашите родители во Македонија.
Во нашата болница креветите се подготвени за нови сериозни случаи. Јас работам во втората линија на задржување на епидемијата. Тука има ред и дисциплина, и многу работа. Властите се трудат да организираат сѐ, иако е многу тешко. Маски и некои други материјали недостигаат, но општеството се мобилизира во рамките на своите можности. Горди сме што сме дел од системот и помагаме таму каде што има потреба. Експертите велат дека сѐ уште сме во почетна фаза и дека останува уште долг пат. Мораме да се држиме!
Следниве две недели, Владата и експертите велат дека бројката на инфицирани и починати сѐ уште ќе оди на полошо. Страшно! Завчера почина еден колега од пневмонија предизвикана од коронавирусот, а попладнево уште една наша драга пријателка почина од истата болест! Тажни сме. Тој беше еден од оние 280 хоспитализирани во нашата болница, од кои 40 се во ургентниот центар, ставени на асистирано дишење со респиратори. Голема борба. Има и излекувани пациенти. Ваквата морална поддршка е како енергија директно „инјектирана во вена“ за сите нас. Фала им! Улиците се празни, нема жива душа, штама! Прозорците се отворени. Одеднаш почнуваат да бијат камбаните…, кои будат ураган чувства во мене. За кого бијат камбаните? Меѓу нас се наоѓа бескрупулозен убиец во серија. Коронавирусот, длабоко „гази“ во нашите животи.
Сите имаме дел од одговорноста за да излеземе помалку ранети од оваа војна што убива, крши и остава емотивни лузни. Според бројките што ги покажуваат епидемиолозите, болеста, секои пет дена зафаќа 4 пати повеќе нови пациенти.
Веќе сите болници станаа ургентни центри! Како офталмолози, засега работиме во „резерва“, но бројот на пациентите се дуплира брзо, а нашиот број, на здравствени работници, се намалува. Многу колеги веќе се заразија и отпаднаа од системот за одбрана. Се прават максимални напори за да се заштити медицинскиот персонал, кој се бори во првите редови во одбраната и во нападот. За жал, во Шпанија тој е веќе 17 отсто заразен, во Норвешка 10 отсто, во Италија 8 отсто, а во Кина беше само 4 отсто.
Хуманоста блика, во луѓето избиваат борбен дух, бескомпромисност, солидарност, верба, единство, почит, братство, доверба, љубов, сочувство… и надеж! Платената цена веќе премногу е голема.
Ние како лекари, со Хипократовата заклетва како примарен етички кодекс на нашето секојдневно дејствување, се бориме за здравјето на секој човек, без разлика на кој меридијан се наоѓа… но, и со товарот што го носиме како личности – во Македонија се нашите корени и нашите најблиски.