На третото издание на Парискиот мировен форум, кое се одржа неодамна преку видеоконференциска врска, свое обраќање имаше Жан-Ив Ле Дриан, министер за Европа и за надворешни работи на Франција. Со согласност и во договор со француската амбасада, од каде што како репрезентативен медиум го одбраа токму нашиот весник, и за да допрат пораките до најшироката јавност, „Нова Македонија“ во кратки црти ги пренесува клучните поенти од говорот на министерот Жан-Ив Ле Дриан. Интегралната верзија може да ја прочитате на сајтот на весникот

Жан-Ив Ле Дриан, министер за Европа и за надворешни работи на Франција

Многу сум погоден од кризата низ која минуваме во моментот, поради нејзината невидена и длабока симптоматска природа. Оваа криза е посебна поради екстремната сериозност и големината на нејзините последици, во сите области. Само за неколку месеци од ковид-19 беа погодени и продолжуваат да бидат погодени милиони луѓе. Тоа ги промени нашите животи. Меѓународните врски сега се речиси во мирување. Нашата генерација никогаш не се соочила со вакво искушение. Никогаш во поновата историја не сме се соочиле со таков брутален и масовен шок, толку многу што овој момент може да означи крај на една ера.

Така барем се вели во некои коментари. Што се однесува до мене, повеќе верувам дека оваа криза, всушност, дејствува како прекрасно откритие: ако погледнете подобро, ги истакнува природата на предизвиците и силата на опасностите со кои меѓународната заедница требаше да се соочува многу години и кои ќе продолжат да бидат тешки тенденции со кои ќе треба да продолжиме да се занимаваме. Она што го открива кризата со коронавирусот е пред сè стекнатата и влошена форма на природата на меѓународните предизвици од 21 век. Заедничко за овие предизвици е што не познаваат граници и ниту една земја не е поштедена: на ниво на животната средина тоа се климатските промени и ерозијата на биолошката разновидност, на ниво на развојот тоа е глобалната нееднаквост, на полето на безбедноста тоа е појавата на глобализираниот тероризам, на полето на технологијата тоа е дигиталната револуција.

Соочени со овие предизвици, здравиот разум повикува на колективни и усогласени одговори. Овие предизвици нè засегаат сите. Тие влијаат врз нас, обично во различен временски интервал и со различен степен, до тој степен што некои, не познавајќи го глобалниот обем, не се соочуваат со својата одговорност.
Ненадејното ширење на ковид-19 не остава простор за нејаснотии: како животните во басната од Ла Фонтен, сите ние сме „засегнати“, на сите континенти и речиси истовремено, со разлика од неколку седмици. Може да се најде спас само доколку знаеме да ги обединиме напорите за да се избориме заеднички против вирусот. Соочувајќи се со него, сите сме на иста страна.

Затоа што никој од нас нема да може да се смета себеси за заштитен сè додека пандемијата не биде ставена под контрола. Здравјето на секого зависи од здравјето на сите. Затоа оваа криза нè потсетува на трите неопходни работи што секогаш треба да нè водат во насока на денешните глобални предизвици:
најпрво неопходноста од координација, зашто „секој за себе“ може да не доведе само до колективна немоќ;
потоа неопходноста од соработка – единството е сила, тоа го докажуваме секојпат кога сме во можност да сметаме едни на други за да помогнеме во враќањето на нашите државјани или да испратиме медицинска опрема;
и на крајот, неопходноста од солидарност, бидејќи сите ние немаме исти ресурси да се соочиме со кризата.

Од суштинско значење е меѓународната заедница да им помогне на најранливите земји, особено оние во Африка. Како што знаете, тоа е приоритет за Франција. Сето ова, не само затоа што имаме хуманистичка визија за светот туку и затоа што сме убедени дека е добро разбран нашиот колективен интерес.
Она што го открива кризата со коронавирусот се поделбите, кои со години го поткопуваат меѓународниот поредок.
Овде пред сѐ мислам на потврдувањето на логиката на моќ и систематизацијата на соодносот на сила. И ние го видовме тоа: дури и среде пандемиската криза продолжуваат ривалствата и борбите за влијание, како да е соодветно време за поделба.

Овде пред сѐ мислам на оспорувањето на мултилатерализмот, кој до ден-денес наоѓа противници, против секоја логика.
Според мене, постои реален ризик актуелната криза уште повеќе да ги истакне овие поделби. Од оваа гледна точка, „светот потоа“ би можел да биде и полош од „светот претходно “. Ова е, во суштина, она што го кажав неодамна јавно и денес би сакал да отстранам секакво недоразбирање во таа насока: за мене, не е неизбежно, едноставна песимистичка констатација и откажување. Напротив!

Тоа е покана за колективно дејствување. Бидејќи можеме и верувам дека оваа криза можеме да ја пренамениме во забрзувач на промените што ни се потребни на сите. Ова е патот што Франција и Европа ќе настојуваат да го отворат во наредните недели и месеци.