САД ќе им дадат на другите земји 60 милиони дози вакцина против ковид-19 на „Астра зенека“, соопшти Белата куќа, критикувана досега поради одбивањето да се извезува вакцината која сè уште не е одобрена во САД.

– САД ќе испратат 60 милиони дози вакцина на „Астра зенека“ за другите земји веднаш штом ќе станат достапни – рече Енди Славит, советник во Белата куќа за борба против коронавирус, во порака на Твитер.

Тој ги отфрли критиките дека Вашингтон собира вакцини кои не ги користат.

– Во моментов има многу малку дози на располагање. Никакво време не е изгубено – рече тој.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Саки, рече дека се уште се планира како ќе се спроведе тоа и вети дека наскоро ќе бидат објавени детали за тоа кој ќе ги добие вакцините.

Пред да бидат испратени вакцините на „Астра зенека“ од САД, Американската агенција за храна и лекови (ФДА) мора да потврди дека ги исполнуваат условите за квалитет, додаде таа.

Вашингтон веќе објави договори за испраќање на 2,5 милиони вакцини на „Астра зенека“ во Мексико и 1,5 милион во Канада.