САД ја надминаа бројката од 700.000 лица кои од почетокот на пандемијата умреа од последиците на ковид-19, соопшти вчера Универзитетот Џон Хопкинс, посочувајќи дека е тоа еквивалент на населението во главниот град Вашингтон.

Француските медиуми пишуваат дека овој црн биланс потсетува дека се уште секој ден стотици Американци умираат од коронавирус, и покрај кампањата за вакцинација. Според официјалните бројки, САД се најтешко погодената земја во светот според бројот на смртни случаи од коронавирус, пред Бразил и Индија.

САД, исто така, имаат најмногу заразени во светот. Невакцинираните лица се уште се најпогодени од оваа болест, бидејќи ги има многу во земјата- кампањата за вакцинација, која почна во декември и својот врв го достигна во април, со понекогаш четири милиони вакцинации на ден, сега е нагло забавена. Нешто повеќе од 64 проценти од американското население, или 215 милиони луѓе, примиле барем една доза од трите вакцини одобрени во САД.
Носењето маска и вакцинирањето се жешки политички прашања што ги делат Американците. Некои републикански гувернери, како оние во Тексас и Флорида, дури сакаа да воведат забрана за обврската за носење маски во нивните држави, во име на индивидуалните слободи. Демократска Калифорнија, од друга страна, вчера соопшти дека има намера вакцинацијата да биде задолжителна за сите ученици.