Америка денеска ја затвори границата со Мексико за сите неитни патувања, а државата Њујорк ги запре сите активности кои не се нужни.

Границата меѓу САД и Мексико ќе се затвори за сите несуштински патувања, како што беше случајот меѓу САД и Канада, како дел од борбата против ширењето на коронавирусот, објави Вашингтон.

– Соединетите држави и Мексико решија да го забранат патувањето што не е потребно преку нашата заедничка граница. Нашите две земји знаат колку е важно да се работи заедно за да се ограничи ширењето на вирусот – рече шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео, на прес-конференцијата во Белата куќа.

Неговиот колега задолжен за внатрешна безбедност, Чад Волф, појасни дека затворањето не се однесува на легалната трговија.

Договорот за затворање на границата помеѓу САД и Канада, пак, влегува во сила ноќта кон сабота, со почетен период од 30 дена.

Гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо во петокот, нареди да се запрат сите несуштински активности, како и забрана за собирање.

Мерката е слична на онаа донесена во четвртокот од гувернерот на Калифорнија, која ја става во карантин целата сојузна држава.

Мерките се порестриктивни од оние што веќе се донесени на сојузно ниво.