Водечкиот американски имунолог и медицински советник во Белата куќа, Ентони Фаучи, објави дека набргу ќе се променат упатствата за носење маски во затворен простор.

На прашањето дали е време да се почне со либерализација на таа мерка, Фаучи одговори дека смета оти тоа треба да биде така, пренесува „Си-ен-ен“.

– Мислам дека тоа, најверојатно, ќе го видите како одиме понатаму и кога сѐ повеќе луѓе ќе се вакцинираат – рече Фаучи, кој е и директор на Националниот институт за алергија и заразни болести.

Тој најави дека Американскиот центар за контрола и превенција на болестите (ЦДЦ) ќе ги ажурира своите упатства бидејќи сѐ повеќе Американци се вакцинираат.

Центарот за контрола ги олесни упатствата за носење маски на отворено минатиот месец, но продолжи да ги советува и оние што биле вакцинирани и оние што сè уште не се вакцинирани да носат маски во затворени простории, како што се трговски центри, кина или музеи.