„Фајзер“ и германскиот партнер „Бионтек“ во петокот објавија дека американската влада купува 200 милиони дополнителни дози на вакцината против ковид-19 и би можеле да ја набават и новата верзија на вакцината насочена кон новите варијанти на вирусот.

Со тоа, вкупниот број на дози наменети за Соединетите држави изнесува 500 милиони, со приближно 208 милиони дози веќе доставени, според владините податоци.

„Фајзер“ минатата година потпиша договор со американската влада за 100 милиони дози на вакцина за скоро 2 милијарди долари, со опција за купување на други 500 милиони дози.

Повеќето од новите дози ќе бидат испорачани до крајот на годината, а останатите 90 милиони ќе бидат доставени до 30 април следната година.

Директорот на Центарот за контрола и превенција на болести во САД во четвртокот рече дека просекот на нови случаи во САД во седум дена пораснал за 53 проценти во однос на претходната недела.

Делта варијантата на вирусот, најдена во Индија, е присутна во повеќе од 80 проценти од новите случаи на национално ниво.

„Фајзер“ објави претходно овој месец дека компаниите планираат да побараат одобрување од регулаторите на САД и Европа за дополнителни дози на вакцината против ковид-19.

Компаниите смислија нова верзија на вакцината насочена кон делта варијантата, која планираат да ја тестираат во наредните недели, но наведоа дека сегашната вакцина може да обезбеди и заштита од таа варијанта.