Вашингтон вчера го повика на разговор кинескиот амбасадор во САД откако кинески официјален претставник изјави дека постои теорија на заговор според која американската војска наводно го инјектирала коронавирусот во кинескиот град Вухан, каде започна епидемијата.

– Ширењето на теории на заговор е опасно и смешно. Сакавме да ја предупредуваме (кинеската) влада да не го толерира тоа, за доброто на кинескиот народ и целиот свет – рече неименуван претставник на Стејт департментот на САД.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лидијан во четвртокот вечерта ги спомена теориите на заговор, велејќи дека статиите на оваа тема се појавиле на Интернет.