Властите во Москва објавија дека започнале со тестирање на вакцината против коронавирус на 40.000 жители на главниот град, што е последната фаза на тестирање на вакцината објавена во август.

– Првите учесници беа вакцинирани денес во медицинските установи во Москва – изјави заменичката на градоначалникота на Москва, Анастасија Ракова, додавајќи дека тоа е важен ден не само за градот, туку и за целата земја.

Вкупно 40 000 московјани се поканети да учествуваат во истражувањето, во кое може да биде вклучен секој руски државјанин кој е здравствено осигурен.

Русија на почетокот на август објави дека ја развила првата вакцина против Ковид-19, изработена од истражувачкиот центар „Николај-Гамалеј“, а претседателот Владимир Путин тогаш рече дека една од неговите ќерки е вакцинирана.

Руската вакцина Спутник V, наречена според првиот вештачки сателит во историјата, беше пречекана со скептицизам во светот, бидејќи во времето кога беше објавена не беше спроведена последната фаза на истражување.
Но, Русите тврдат дека третата фаза од клиничкото испитување, во која учествуваат повеќе од 2.000 лица во неколку земји, започнала на 12 август, ден по објавувањето на регистрацијата на Спутник V.

Повеќе од 20 земји се заинтересирани за купување милијарда дози вакцина, наведува рускиот фонд кој учествува во неговото финансирање.

Бројни земји сега работат на усовршување на вакцината против Ковид-19, од чии последици починаа повеќе од 900 000 луѓе ширум светот.