Русија одобри нов антивирусен лек, „коронавир“, за лекување на пациенти со ковид-19, соопшти во средата руската фармацевтска компанија Р-Фарм, во моменти кога бројот на заразени во земјата надмина 700.000.

Во соопштението на Р-Фарм, која го развила „коронавир“, се вели дека клиничкото испитување, што вклучувало благи до умерени случаи, покажало дека лекот бил многу ефикасен во попречување на репликацијата на новиот коронавирус.

– „Коронавир“ е еден од првите лекови во Русија и во светот кој не се бори против компликациите предизвикани од вирусот САРС-ЦоВ-2, туку против самиот вирус. Клиничката студија покажала подобрување кај 55% од пациентите кои не биле примени во болница, на седмиот ден од третманот со „коронавир“, споредено со 20% кај оние кои примале стандардна терапија. До петтиот ден од третманот, новиот коронавирус бил елиминиран кај 77,5 проценти од пациентите кои земале „коронавир“ – наведува Р-Фарм.

Тестирањето започна кон крајот на мај и повеќе од 110 пациенти беа третирани со лекот, соопшти Татјана Ријаженцова, директор за клинички испитувања во Централниот истражувачки институт за епидемиологија на Русија.

Ова е трет лек регистриран во Русија кој го лекува новиот коронавирус. Првиот, „авифавир“, им се дава на пациентите од 11 јуни.