Русија не верува дека е можно нејзината вакцина „спутник В“ да се достави во Европската Унија пред мај или јуни, изјави денеска шефот на фондацијата задолжена за дистрибуција на вакцината.

Кирил Дмитриев, шеф на Рускиот фонд за директни инвестиции, изјави дека „големи испораки во ЕУ се можни само по завршувањето на масовната вакцинација во Русија“.

Инаку, вакцината се дава во две дози и сè уште не е одобрена од Европската агенција за лекови за употреба во Европската Унија.

Доколку биде одобрена, „спутник В“ ќе ѝ помогне на ЕУ да се справи со недостиг на вакцини.

Последните денови во Москва имаше расправа дали РДИФ воопшто поднела барање за одобрување на вакцината.

– Се надеваме дека нашата апликација ќе се провери брзо и дека нема да има политички аргументи во таа постапка, но дека ќе биде оценета врз основа на фактите – рече Дмитриев.

„Спутник В“ е 91 % ефикасна против ковид-19, покажаа минатонеделните студии.