Заразата со коронавирус повеќе може да предизвика ретки кардиоваскуларни компликации како што се воспаление на срцето и неправилна работа на срцето отколку вакцините, покажа британска студија, откако научниците ги анализираа податоците од околу 38 милиони луѓе вакцинирани против ковид-19.

Студијата, објавена во списанието „Нејчр медисин“, ги спореди ризиците од миокардитис, перикардитис и срцева аритмија по првата и втората доза на „Астра зенека“, „Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“ со оние кај заразени со ковид.

Студијата, предводена од научници од Универзитетот во Оксфорд, покажа зголемен ризик од миокардитис по првите дози на „Астра зенека“ и „Фајзер“ и двете дози на „Модерна“, но ризикот бил многу поголем кај заразените со ковид.

Заклучоците се донесени со проценка на стапката на хоспитализација или смртност во рок од 28 дена од вакцинацијата или позитивен ПЦР тест за лица над 16 години и вакцинирани меѓу 1 декември 2020 и 24 август 2021 година.

– Проценивме меѓу 1 и 10 дополнителни случаи на миокардитис на милион луѓе вакцинирани со првата или втората доза, но 40 дополнителни случаи на милион луѓе заразени со ковид-19 – рече професорката Џулија Хиписли-Кокс, која ја водеше студијата во Оксфорд.

Анализата поврзана со возраста, исто така, покажа дека поголем ризик од миокардитис поврзан со мРНА вакцините на „Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“ е присутен само кај оние помлади од 40 години, велат истражувачите.

– Оваа опсервација за проблеми со срцето не е нова информација. Тоа веќе го знаеме. Но, оваа солидна, научно цврста работа го поддржува и потврдува тоа – рече доктор Питер Инглиш, пензиониран консултант за контрола на заразни болести.