Апсурдноста за вовлекувањето на Америка во губитничката спирала е уште поголема ако се земе предвид дека Соединетите Американски Држави, најбогатата нација во историјата на човештвото, невешто се соочија со епидемијата на коронавирусот, со што рапидно го нарушија сопствениот углед како глобален лидер, а лидерите секогаш треба да бидат пример за другите

Како Доналд Трамп и коронавирусот направија карамбол во поимањето на американското општество

Кон крајот на 2019 година сѐ поизвесно беше дека Доналд Трамп ќе биде реизбран за претседател на Соединетите Американски Држави, ако се земе предвид фактот дека невработеноста во САД беше доведена на најниско ниво во историјата. Но набргу започна светската епидемија на коронавирусот.

По првите предупредувања за опасноста, американскиот претседател Доналд Трамп се однесуваше навидум ноншалантно изјавувајќи дека сѐ е „под контрола“ и неговата администрација не презеде конкретни подготвителни мерки.
Неговиот смирувачки тон може да се толкува како негова желба и намера да не се предизвика паника на берзата и да се избегне економска турбуленција. Меѓутоа влијанието на коронавирусот си го направи своето. Силно негативно влијаеше врз светската економија, а предизвика и пад на американската берза. Изјавите на американскиот претседател дека вирусот е „многу под контрола“ и дека берзата изгледа „многу добро“, не ја спречија големата несреќа со човечки и финансиски загуби.

Кога ситуацијата стана критична и Трамповата администрација се соочи со засилени критики и барања за одговорност Трамп изјавуваше дека: „Секој може да се тестира, тоа е само грип и нема недостиг од заштитна опрема“.
Но американскиот претседател не застана тука и ја отфрли одговорноста, обвинувајќи ги поранешниот претседател Барак Обама и неговата администрација. Слично постапи и кога Американците започнаа масовно да ги губат работните места, обвинувајќи ги Кина и Светската здравствена организација дека се виновни за настанатата состојба, притоа наредувајќи повлекување на САД од финансирањето на СЗО.

И покрај обидите да се дистанцира од одговорноста, свесните калкулации на Трамп и на неговата администрација резултираа со 932.000 заболени и 52.000 починати Американци, а апсурдноста е уште поголема ако се земе предвид дека Соединетите Американски Држави, најбогатата нација во историјата на човештвото, невешто се соочија со епидемијата на коронавирусот со што го нарушија сопствениот угледот како глобален лидер, бидејќи лидерите секогаш треба да бидат пример за другите.
Сѐ поочигледно е дека Доналд Трамп нема да биде реизбран за претседател на Соединетите Американски Држави, бидејќи според последните информации околу 26 милиони Американци ги изгубиле своите работни места, а економистите предвидуваат дека американската економија во првиот квартал на 2020 година ќе забележи најсилен пад по Втората светска војна.

И покрај критиките за ирационалното однесување на сегашниот американски претседател, мора да се забележи дека тоа е само привидно и всушност станува збор за калкулантен популизам, кој се грижи единствено за рејтингот на Доналд Трамп и за заштита на интересите на неговите сојузници – еден дел од најбогатите Американци.
Политиката на Трамповата администрација покажа, а тоа се потврди и со пристапот кон епидемијата на коронавирусот, дека е првенствено насочена кон реизбор на Доналд Трамп за претседател без да води сметка за внатрешните и за надворешните интереси на американската нација. Тој не можеше да ја спречи кризата на економијата, но доколку покажеше државничко однесување и преземеше навремени одлуки можеше да ја ублажи состојбата, која Американците ја плаќаат со илјадници животи. Доналд Трамп со своето однесување стана класичен пример како популизмот може да разори едно општество.