Германската канцеларка во заминување Ангела Меркел изјави дека е многу загрижена поради зголемениот број на заразени со коронавирус и хоспитализации, па ги повика луѓето да не бидат невнимателни во однос пандемијата.

„Тоа треба да не загрижи сите нас“, изјави Меркел за ФАЦ. Германија не ја направи вакцината задолжителна за ниту една група граѓани, што е став што Меркел сè уште го брани.

„Но, фактот што, на пример, два или три милиони Германци над 60 години сè уште не се вакцинирани, ме растажува бидејќи тоа би била промена за нив лично, но и за целото општество“, истакна канцеларката во заминување.

Германија вчера имаше скоро 24.000 нови случаи на инфекција, а починаа 114 луѓе. Според „Ројтерс“, вакцинирани се околу 67,2 отсто од населението. Запрашана да се осврне на ограничувањата наметнати во Германија за време на пандемијата, Меркел рече дека должност на државата е да го заштити здравјето на што е можно повеќе луѓе и да спречи пренатрупаност во болниците.

„Се разбира, има многу простор да се разговара за оваа или онаа мерка“, додаде таа. Одговарајќи на критиките дека како личност без деца не го разбира товарот што го носат најмладите во пандемијата, Меркел рече дека знае дека ситуацијата е особено тешка за децата и младите.

„Цело време бев свесна за тоа. Многу баравме од нив“, заклучи таа.

Меркел денеска пристигна во Рим каде за последен пат присуствува на самит Г20.