Палење на телекомуникациските кули е резултат на неинформираноста за потеклото на пандемијата

Автори: Ник Филдс, Марк ди Стефано, Хана Марфи

Фајненшел тајмс

Во понеделникот во 21.30 часот вечерта на Велигден, во холандското гратче Алмере во близина на Амстердам, пожарникарската служба ја гасеше запалената телекомуникациска кула што беше втор таков пожар во областа. Иако ниедна од кулите во Алмере не користеше телекомуникациска 5Г мрежа, а една од нив беше изградена за итните служби, властите заклучија дека пожарите биле дело на сторители кои дејствувале во име на една невообичаена теорија, односно дека 5Г мрежата придонела за пандемијата на коронавирусот.

Палењето на телекомуникациските кули во Холандија се само дел од последната ескалација на серија слични напади кои се шират во Велика Британија и во Европа во изминатите неколку недели. Откако на почетокот од јануари зедоа замав, теориите на заговор за 5Г мрежата, кои тврдат дека фреквенции од новата безжична технологија предизвикувале ковид-19 или дека сигналите го нарушуваат човечкиот имунолошки систем, многу брзо се раширија во дигиталниот свет.

Во Велика Британија каде што почнаа нападите, речиси 60 телекомуникациски кули досега се запалени додека во последните две недели случаи на вандализам беа пријавени во областа Донегал во Ирска, а во Лимасол на Кипар 18 луѓе учествуваа во нападите. Во Холандија досега се пријавени 11 вакви инциденти.

– Состојбата е опасна затоа што овие лица напаѓаат клучна инфраструктура – појасно Роб Бонгенар, директорот на холандскиот телеком „Моне“.

Опасна лага

Теориите кои ги поврзуваат телекомуникациските мрежи со здравствените проблеми како рак и неплодност постојат уште од ерата на 3Г, иако малкумина очекуваа дека ќе се најдат во вниманието на водечките медиуми. Според Хана Линдерштол, извршна директорка на шведската информациска компанија за заштита на податоци „Ерхарт“, која ги следи дезинформациите на Интернет, првата видео-снимка која директно го поврзува коронавирусот со 5Г се појави на почетокот од јануари во форма на предавање на кое се дискутираше влијанието на електромагнетното зрачење врз пандемијата.

За кратко време почнаа да се појавуваат видео-снимки со мртви птици, риби и како луѓе се онесвестуваат на улица, наводно како резултат на 5Г. Линдерштол следеше 35 од најпопуларните видео-снимки од јануари и откри дека за само неколку недели имале 12,8 милиони прегледи.

Оттогаш теоријата брзо доби поддршка во дигиталниот свет. Само оваа недела во Велика Британија, шефот на „Водафон“ објави соопштение во кое се наведува дека човечки животи биле загрозени со „опасната лага“ за 5Г откако за велигденскиот викенд беше вандализирана телекомуникациска кула во близина на привремената инфективна болница „Најтингејл“ во Бирмингем.

Во Холандија, властите ги карактеризираа виновниците за нападите како хулигани во „Европскиот шампионат на палење телекомуникациски кули“.

– Ова не е изолиран случај, туку нешто посериозно. Не смееме да дозволиме лудаци да го уништуваат она што го градевме – порача Мац Гранрид, директор на трговскиот орган на ГСМА.

СЗО овој месец негираше секаква поврзаност меѓу ширењето на коронавирусот и 5Г, додека Меѓународната комисија за заштита од нејонизирачко зрачење изјави дека 5Г сигналите не претставуваат ризик по човечкото здравје. Пирс Корбин, братот на поранешниот лидер на Лабуристичката партија Џереми Корбин кој е жесток противник на 5Г во Велика Британија, ги отфрли ставовите на СЗО и тврдеше дека употребата на високи фреквенции може да им наштети на клетките во белите дробови.

– Разбирам зошто луѓето се гневни – додаде тој за нападите на телекомуникациските кули.

Народот сака одговори

Како одговор на теоријата на заговор за 5Г, социјалните медиуми ги променија нивните политики за да преземат мерки против дезинформациите на оваа тема. На почетокот од месецов, Јутуб ги обнови политиките за да забранува видео-снимки на кои се тврди дека симптомите на коронавирусот се резултат на 5Г. Фејсбук исто така одлучи да ги отстрани „лажните тврдење поврзани со коронавирусот и 5Г“. Од друга страна на „Тик ток“, популарен кај младите, сè уште постојат видео-снимки поврзани со овие термини.

Кога колекција на вакви видео-снимки беа прикажани на „Тик ток“ од страна на „Фајненшел тајмс“, компанијата изјави дека „нема да дозволи ширење на дезинформации што можат да ѝ наштетат на заедницата, ќе ги отстранат сите штетни содржини од таква природа и ќе продолжат да ги зајакнуваат заштитните мерки“.

Џонатан Морган, директор на групата за следење на дезинформации „Јондер“, порача дека постојат „здружени напори на антиваксерската заедница“ за ширење на теориите на заговор за 5Г. Но некои експерти исто така истакнаа дека руските државни медиуми спроведуваат отворена пропаганда за наметнување такви наративи. Во една скоро објавена видео-снимка на Јутуб од страна на „Русија денес“ се наведува дека деца кои си играле во близина на 5Г телекомуникациски кули можат да заболат од рак, да добијат крвавење во носот и тешкотии во учењето.

Теоријата исто така има силна поддршка кај теоретичарите на заговор од „Кју-еј нон“, кои сметаат дека постои таен заговор против Доналд Трамп од страна на „длабоката држава“.

Покрај прашањата за изворот на заговорот, останува друг проблем, односно прашањето зошто посебно зеде замав во Европа. Линдерштол тврди дека строгите мерки на карантин се делумно виновни за тоа.

– Луѓето се многу исплашени, но истовремено многу интензивно комуницираат. Во време на криза луѓето сакаат одговори, а 5Г е многу едноставен одговор – порача таа.

Превод: Билјана Здравковска