Девет од десет вработени сакаат да продолжат да работат од дома и по ублажувањето на мерките преземени во врска со пандемијата, открива истражување спроведено од „Сиско системс“, пренесува „Ројтерс“. 

„Сиско системс“ анкетирале 10.000 луѓе од Европа, Блискиот Исток и од Русија за своето истражување „Работна сила на иднината“. Истражувањето покажало дека пандемијата ги променила навиките, а кај две третини од работниците се развило поголемо разбирање за придобивките и предизвиците за вршење на работа од нивните домови наместо во канцелариите. 

Пред карантинот, само пет отсто од испитаниците поголемиот дел од работата ја работеле од дома, а сега 87 отсто од работниците сакаат да изберат каде, како и кога ќе ја извршуваат својата работа, односно, еден вид комбинација меѓу работење од дома и од канцеларија. 

– Компаниите ќе мораат повторно да одлучат како ќе работат, со цел  да помогнат во исполнувањето на новите барања на работниците, кои приоритетот го ставаат на ефективната комуникација и соработката – изјави Гордон Томсон, потпретседател на „Сиско системс“.

Тој во интервју рече дека технологијата исто така ќе се користи за да се осигури дека вработените се безбедни и нивните податоци се безбедни, било во домот или во канцеларијата. За таа цел, може да се користат сензори што го следат греењето и осветлувањето во домашна работна средина, или сензори што го проверуваат социјалното дистанцирање и носењето маски во канцелариите.