Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека платените слободни денови во Русија ќе бидат продолжени до 30 април.

– Сè уште не го достигнавме врвот на епидемијата во светот и кај нас. Затоа решив да ги продолжам неработните денови до крајот на месецот, односно до 30 април – рече претседателот на Русија во обраќање до нацијата, а пренесе агенцијата „Тасс“.

Тој посочи дека работниците ќе бидат исплатени наредните денови.

– И покрај сите напори, властите не се во состојба да ја подобрат ситуацијата во врска со коронавирусот во Москва – рече Путин.

– Имаме голема, многу голема земја, со различна густина на населението – истакна рускиот претседател, додавајќи дека има региони каде што коронавирусот е веќе сериозна закана за луѓето, како што е во Москва каде и покрај сите напори, властите не можат да ја подобрат ситуацијата.

Путин им се заблагодари на сите што ги почитуваат препораките за превенција од ширење на вирусот и особено на докторите.

– Сигурен сум дека сите граѓани ќе се придружат со најголема благодарност до нашите медицински професионалци – истакна Путин.