Гневот поради наметнатите мерки се шири во целиот светот, па протестите избувнаа и во Европа. Луѓето се загрижени поради мерките што ја загрозуваат економијата, а кои се донесени за да се исправи кривата.

Во Европа протестите станаа уште понасилни. Немири избувнаа во Италија пред неколку месеци, особено во економски загрозениот југ, поради застојот поврзан со коронавирусот, но тие сега се раширија во Германија и Франција, каде што сè уште во сила се мерките за заклучување.

Германската полиција во опрема за разбивање на демонстрантите и со заштитните маски се судри со демонстрантите, кои повторно протестираа во центарот на Берлин против рестриктивните мерки за епидемијата на коронавирусот, а повеќе од 100 лица беа уапсени.

Германската полиција објави на Твитер дека уапсила повеќе од 100 лица. Локалните медиуми објавија дека речиси илјадници луѓе се собрале на плоштадот Роза Луксембург.

Некои демонстранти се обидуваа да држат дистанца седејќи на тревата и на улицата носејќи маски, но некои се групираа, пренесува „Ројтерс“.

Демонстрантите споделија весник со текст со наслов „Демократски отпор“, во кој се вели дека новиот коронавирус е обид да се зачува власта со ширење страв кај граѓаните.

Исто така, се наведува дека 127 лекари во светот ја доведуваат во прашање потребата од строги ограничувања.

Париз е четири дена среде насилни немири кога полицијата се обиде да запре и да казни мотоциклист кој ги прекрши правилата за заклучување.

Непријателствата кулминираа минатата недела во северните предградија на Париз по обвинувањата за полициска бруталност и расизам за време на пандемијата.

Стотици луѓе, кои живеат во Полска и кои работат во Германија, протестираат во градот Згорзелец во југозападна Полска против задолжителниот карантин воведен поради епидемијата на коронавирусот, објави „Ројтерс“.

Речиси 300 луѓе се собраа на полската страна на границата и на 100-ина метри во Германија, извикувајќи: „Да работиме“.