Активисти излегоа на улиците во Лондон еден ден откако кабинетот на Велика Британија ги прошири своите упатства за задолжително носење на маски во борбата против пандемијата.

Голема група демонстранти се собраа во Хајд Парк во саботата, каде што говорниците настапија со осуда на владините мерки.

Носејќи плакати на кои пишуваше: „Запрете го новото нормално, спасете животи“, „Слобода е посилна од стравот“, „Маските се глупави“, демонстрантите потоа маршираа кон Даунинг стрит, застанувајќи и пред седиштето на Би-Би-Си.

Еден од демонстрантите изрази загриженост во врска со задолжителните правила за маските за лице.

– Порано работев како медицински брат во установа за ментално здравје. Една од работите што ги научив како студент е дека никој не треба да се присилува да носи нешто на телото без негова согласност – рече тој.

Маските се задолжителни во продавниците и супермаркетите во Англија. Премиерот Борис Џонсон во петокот најави дека ќе бидат потребни маски во музеите, кината, уметничките галерии и местата за богослужба почнувајќи од 8 август.

Протести против маските се случуваа вчера и во Берлин, Германија.