Италијанскиот премиер Џузепе Конте издаде указ со кој се продолжуваат рестрикциите за контрола на ширењето на коронавирусот, откако Министерството за здравство предупреди дека епидемиолошката состојба се влошува.

Новата наредба го продолжува ноќниот полициски час од 22 до 5 часот наутро до 5 март, а системот на зони останува во сила, со што се делат 20 италијански региони на различни нивоа на инфекција.

Спортските сали и базените ќе останат затворени низ цела Италија, а продажбата на храна нема да биде дозволена по 18 часот, пренесува „Гардијан“.

Со указот се продолжува забраната за движење меѓу регионите до 15 февруари, а граѓаните ќе можат да патуваат само поради работа, здравје или други итни случаи.

Скијачките центри остануваат затворени до 15 февруари.

Владата најави дека повеќето мерки ќе бидат укинати во региони каде стапките на инфекции се доволно ниски.