Јапонската влада денес ја продолжи вонредната состојба во областа Токио за две недели во обид да се справи со ковид-19, за што премиерот Јошихиде Суга и се извини на нацијата.

Вонредната состојба треба да заврши на 7 март, но четири и пол месеци пред Токио да биде домаќин на Олимписките игри, Суга рече дека има потреба од претпазливост поради заканата од нови видови коронавирусот и можноста од зголемување на бројот на нови случаи од коронавирусот, пишува „Ројтерс“.

– Искрено ми е жал што не успеав да ја укинам вонредната состојба, како што ветивме претходно, до 7 март. Се извинувам од дното на моето срце – рече Суга.

Како дел од вонредната состојба во Токио и трите околни префектури, владата побара затворање на рестораните и баровите до 20 часот и да престанат да служат алкохол еден час порано.

Од граѓаните се очекува да останат дома по 20 часот, освен ако немаат суштинска причина да излезат надвор.