Членови на паравоена милиција учествуваа на „Митингот на американските патриоти“ на 30 април во Мичиген

Паравојските ангажирани да помогнат во „безбедноста“ беа осудени од страна на републиканците како „банда идиоти“

Вокс

Протестите против мерките за физичко дистанцирање и седење дома што се организираа во големите градови во САД сè уште не ги променија ставовите на јавноста за мерките што важат на целата територија за да се спречи ширењето на пандемијата на новиот коронавирус. Неодамнешните државни анкети покажуваат дека Американците генерално се против напорите за повторно отворање на приватните бизниси и дури се залагаат за построги протоколи.

Но протестите привлекоа многу маргинализирани актери, антиваксери и поддржувачи на теории на заговор, како и вооружени членови на паравоени милиции. Многу протести кои целеа кон посебна политика или ентитет (без разлика на политичката определба) привлекоа лидери на групи со свои интереси или лица заинтересирани само за себепромоција.

Припадниците на паравоените милиции се поинакви. Тие не се појавуваат туку-така на протестите. Барем во еден случај тие беа поканети од страна на организаторите. Во Мичиген на 30 април, членови на паравоена милиција учествуваа на „Митингот на американските патриоти“ за да ја одржуваат „безбедноста“ по покана на организаторите.

Следеше брз одговор на нивното присуство, дури од поддржувачите на протестите за клуч на бизнисите. Во објава на Твитер во која го фалеше протестот, лидерот на републиканското мнозинство од Мичиген во Сентатот, Мајк Ширки, порача дека вооружените луѓе присутни на протестите (меѓу кои и припадниците на паравојската) „не ги застапуваат ставовите на републиканците од Сенатот и дека самопрогласените заштитници се обична ’банда идиоти’“.

Презентерот на „Фокс њуз“, Шон Хенити, во врска со „покажувањето на сила“ во Мичиген изјави дека иако „сите имаат право на протест, заштита и барања за отворање на државата, сепак, присуството на вооружена паравојска е премногу. Опасно е покажувањето на таква сила. Тоа ја става под ризик полицијата. Таквата порака никогаш нема да се слушне без разлика за кои лица станува збор“.

Движењето на паравојските во Америка е широко со тоа што групите имаат различни цели. Само Мичиген има десетици вакви групи со по стотина членови со различни политички и културолошки цели.

– Различни групи имаат различни цели. Некои само се заинтересирани да се заштитат себеси и своите семејства од распад на општеството, други сакаат да се борат против поредокот во новиот свет, трети се експлицитно заинтересирани за создавање на бела етнодржава за бели Американци, а четврти тежнеат кон втора граѓанска војна што би можела да прерасне во расна војна – изјави Џеред Јејтс Секстон, автор на книгата „Народот ќе се крене како брановите на брегот: приказна за американскиот гнев“.

Но тој тврди дека групите на паравојски ги користат протестите против мерките за карантин како покритие за дел од нив да регрутираат поддржувачи за нивната цел, додека други бараат начини за да се собори централната и локалната власт во целост. Ваквите групи „секогаш бараат простор за културна и политичка ранливост“ за да ги искористат, како што смета Секстон. А пандемијата се чини дека е плодна почва за нивно пронаоѓање.

Иако групите на паравојски се разликуваат едни од други, тие исто така имаат сличности особено во нивната перципирана улога. (Приватните паравојски се разликуваат од државните милиции. Според федералниот закон, 22 сојузни држави и Порторико имаат државни милиции под команда на Националната гарда).

Движењето на паравојските имаше подеми и падови од 70-тите години, но експертите во голема мера се повикуваат на катастрофалниот инцидент во Руби Риџ од 1992 година, меѓу федералните власти и активистите на крајната десница како појдовна точка.

Иако бројот на припадници во паравојските се намали за време на администрацијата на Џорџ Буш помладиот, како што смета Никол Хемер, професорка во Центарот за односи со јавност „Милер“ при универзитетот во Вирџинија, сепак „се зголемил нивниот број во САД кога Барак Обама станал претседател“. Подемот на овие групи во 1990-тите беше поттикнат од стравот за ограничување на оружјето, а во 2000-тите од изборот на демократски (црн) претседател, како што вели таа.

Паравојските имаат различни ставови за претседателот Доналд Трамп.

– Некои паравојски не го поддржуваат Доналд Трамп, затоа што сметаат дека има преголема моќ и се против национализмот како закана за личните права. Но некои го поддржуваат, поради што е деликатна нивната опозиција кон федералната власт, за што се сомневам дека претставува причина за зголеменото внимание врз законодавните тела – заклучува Хемер.

Превод: Билјана Здравковска