Од почетокот на пандемијата, за првпат во светот се регистрирани повеќе од 250.000 нови случаи на коронавирус во еден ден, објави Светската здравствена организација. Во изминатите 24 часа, забележани се 259.848 нови случаи.

Бројот на починати е 7.360, што е најголема бројка од 10 мај. Вкупната бројка заразени досега изнесува над 14 милиони, од кои 601.000 починале.

Како што објави Универзитетот Џонс Хопкинс, најголем пораст на бројот на заразени бележат САД, Бразил, Индија и Јужна Африка.

Бројот на починати од коронавирусот во САД се искачи над 140.000, а бројот на заразени е зголемен во 43 од 50 држави. За само една недела САД забележа ист број смртни случаи – 5.600, колку што има во Шведска од почетокот на пандемијата.

Најпогодени се неколку американски држави, посебно на југот кои не воведоа веднаш задолжителни мерки за носење маски. Особено голем број на новозаразени е регистриран на Флорида, во Тексас и во Аризона.

Флорида е епицентар на епидемијата во САД, каде се регистрирани повеќе од 10.000 новозаразени и повеќе од 90 починати, со што вкупниот број на случаи надмина 337.000, а починаа повеќе од 5.000 лица.