Австралиските власти најавија крај на тримесечниот „локдаун“ за вакцинираните жители на Сиднеј.

Карантинот во Сиднеј и во останатиот дел од австралиската држава Нов Јужен Велс ќе биде укинат кога стапката на целосно вакцинирани ќе надмине 70 проценти, цел што премиерката на таа држава, Гладис Береџиклијан, очекува да биде постигната на 11 октомври.

Првпат по три месеци пабовите, рестораните и продавниците ќе можат да се отворат за вакцинираните.

„Треба само да издржиме оваа и следната недела. Скоро сме таму, да не се откажуваме во последен момент“, рече Береџиклијан.

Според планот, ќе може да се патува низ сојузната држава Нов Јужен Велс, а ќе се укине ограничувањето на бројот на луѓе присутни на погреби и свадби и ќе бидат дозволени спортски настани.

Невакцинираните граѓани мора да чекаат барем до 1 декември за да ги уживаат истите слободи, кога се очекува 90 проценти од населението да биде вакцинирано.

Бројот на новозаразените се намали на 800 во Нов Јужен Велс денес, во споредба со врвот од 1.500 за еден ден во септември.