Азиските земји побрзаа да го нарачаат најновиот потенцијален лек против ковид-19, кој е во форма на таблети, иако сѐ уште не е одобрен за употреба.

Според аналитичката компанија „Ерфинити“, најмалку осум земји од азиско-пацифичкиот регион, вклучувајќи ги Нов Зеланд, Австралија и Јужна Кореја, веќе имаат потпишано договори или се во преговори за купување на лек произведен од американската компанија „Мерк“. Европската Унија, исто така, го разгледува овој лек.

„Мерк“ побара одобрување за итна употреба од Американската администрација за храна и лекови (ФДА). Доколку се одобри, оваа пилула ќе стане првиот орален антивирусен лек против ковид.

Кога на пациентот ќе му се дијагностицира инфекцијата, тој може да започне со терапија со овој лек и да земе четири капсули од 200 милиграми двапати дневно, во текот на пет дена, објави „Си-ен-ен“.

– За разлика од вакцините, кои предизвикуваат имунолошки одговор, молнупиравирот го попречува размножувањето на вирусот – рече Санјаја Сенанајаке, специјалист за заразни болести на Австралискиот национален универзитет.

Прелиминарните резултати од третата фаза на клинички испитувања на повеќе од 700 невакцинирани пациенти покажаа дека пилулата може да го намалат ризикот од хоспитализација или смрт за приближно 50 отсто, во споредба со пациентите кои земале плацебо.

Учесниците добиле таблета или плацебо за време на студијата во рок од пет дена од почетокот на симптомите на инфекција, и никој од оние кои примале молнупиравир не умрел во рок од 29 дена, за разлика од осум од оние субјекти кои примиле плацебо.

За да биде одобрена, вакцината или лекот мора да поминат низ три фази на клинички испитувања.

Засега не е познато колку азиските земји ќе платат за купување на овој лек. САД се согласиле да платат 1,2 милијарди долари за 17 милиони третмани, доколку лекот е одобрен, што значи дека во тој случај САД ќе платат околу 700 долари по третман.

Аналитичарите утврдија дека производството на третман со молунипир, врз основа на пресметката на цената на суровините, треба да чини околу 18 долари.

„Мерк“ не потврди дали проценките на аналитичарите се точни, но во изјава за „Си-ен-ен“ соопшти дека тие пресметки не ги земаат предвид трошоците за истражување и развој.