Дезинфекцијата на рацете ќе стане многу почеста / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако засега не се прецизира точно што конкретно би можело да биде ублажено, извесно е дека олабавувања се очекуваат во делот на траењето на полицискиот час, во отворањето на угостителските објекти, како и на производствените капацитети

Врвот на заразата со ковид-19 во земјава, барем според тврдењата на здравствените власти, помина при крајот на април, така што сега сè погласни се најавите за можно олабавување на рестриктивните мерки.
Иако засега не се прецизира точно што конкретно би можело да биде ублажено, извесно е дека олабавувања се очекуваат во делот на траењето на полицискиот час, дури и негово целосно укинување, во отворањето на угостителските објекти, можното отворање на градинките, како и на производствените капацитети.
Светската здравствена организација во неколку наврати предупреди дека ублажувањето на мерките против коронавирусот мора да биде постепено, затоа што доколку ограничувањата се намалат премногу брзо, инфекцијата ќе се повтори.
– Мерките за карантин се покажаа ефикасни и луѓето треба да бидат подготвени за нов начин на живот за општеството да функционира додека коронавирусот е под контрола – рече Такеши Касаи, регионален директор на СЗО за западен Пацифик.

Како и да е, несомнено рестриктивните мерки полека ќе се ублажуваат, а она што сега се наметнува како дилема е како ќе се функционира кога економиите повторно ќе се придвижат и кога луѓето ќе се вратат на своите работни места.
Ракувањето и во иднина нема да се практикува, а дезинфекцијата на рацете ќе стане многу почеста. Покрај тоа, во канцелариите ќе мора да се избегнува пренатрупаност со луѓе, а компјутерите и телефоните повеќе нема да можат заеднички да се користат.
Поттикнувањето за употреба на заштитни маски ќе продолжи, а некои компании веројатно ќе им ги обезбедат на своите вработени.

Супермаркетите во земјава веќе го ограничуваат бројот на луѓето што можат да влезат во нив, а во таа насока беа поставени и пластични бариери меѓу муштериите и продавачите. Одржување на физичка дистанца е најавена и за автобусите во јавниот превоз, а веројатно таквата практика ќе се примени и во кафулињата и рестораните.
Работодавците би можеле да ги поттикнуваат своите работници да работат од дома ако нивната дејност го овозможува тоа или, пак, да доаѓаат во различни временски периоди или во различни денови, како и да го намалат бројот на состаноци или, пак, тие да се одржуваат онлајн.
Американскиот епидемиолог Брендон Браун вели дека во иднина ќе се бара вработените да останат дома кога се болни, а не како досега да се инсистира тие да одат на работа.

Една анкета во САД, спроведена врз 2.800 работници во октомври минатата година, покажала дека точно третина од анкетираните секогаш одат на работа без оглед дали се болни или здрави.
Работата од дома за многумина ќе стане вообичаена, особено затоа што за време на изолацијата се покажа дека тоа всушност е изводливо, а многу компании ќе заштедат на изнајмување деловен простор и режиски трошоци, како струја, греење, интернет…
На работните места и натаму ќе се инсистира на редовно и темелно миење на рацете. Површините што често се допираат почесто ќе се чистат, а уште поголемо внимание ќе мора да се посвети на хигиената во тоалетите и одводите, бидејќи постојат докази дека коронавирусот може да се пренесува и преку изметот.
Останува периодот што следува да покаже дали како општество можеме да се приспособуваме на новите состојби, во спротивно сите ќе загубиме.