Крајбрежниот град Каскаис во близина на Лисабон планира да биде првиот во Португалија којшто ќе ги тестира сите 200 000 жители за антитела на коронавирус за да им помогне да уживаат во најнормалната можна летна сезона и покрај кризата.

Каскаис е популарна и елитистичка дестинација за одмор каде се собираат богатите и славните, а преку иницијативата да ги тестираат сите жители, почнувајќи од четврток, тие се надеваат дека ќе спроведат околу 5.000 тестови неделно во договор со една фармацевтска компанија и две независни приватни лаборатории.

Секој тест чини пет евра и го плаќа општината и неколку приватни лица, вели заменик-градоначалникот на Каскаис, Мигел Пинто Луз, додавајќи дека ваквите иницијативи се потребни и заради довербата на луѓето, особено кога се обидуваат да ја рестартираат економијата.

Многу земји размислуваат за слични масовни тестови за забрзување на отворањето на економијата, а Португалија, која досега имаше скоро 30.000 случаи на коронавирус и 1.277 смртни случаи, полека ги намалува ограничувањата од затворањето во средината на март.